Млада амбициозна и успешна Хелена Антевска

Млада амбициозна и успешна, Хелена Антевска од К-Фарм е задолжена за продажбата на производите, branding, digital marketing, social media. К-Фарм е козарска фарма која е основана и постои на пазарот веќе 20 години.

Таа располага со 15 хектари обработлива земја, за органско производство на козји млечни производи. Се наоѓа во село Кожле, Катлановско кое е еколошки чиста средина. Во моментов располагаме со 170 грла матично стадо од расата алпина, 220 млади јариња и 8 прчови за расплод. Објектот се протега на засега 960 метри квадратни каде што се чуваат и одгледуваат козите, а во изградба е и уште една хала која ќе се протега на 300 метри квадратни. Во состав на фармата изградена е просторија за преработка на млекото (млекара), како и простории за сместување и исхрана на вработените. Млекарата е опремена со потребните садови и апарати за непречено одвивање на производството на сирење, како што се: пастеризатор, лактофризер, сирењарска када и друго.

 

Молзењето на овците се врши машински, со систем за молзење со 2 Х 12 молзни единици. На фармата произведеното сирењето се пакува во пластични канти. Во исто време, во зависност од потребите и побарувањата на пазарот, сирењето се пакува во пластифицирани, вакумирани кеси со капацитет од 0.5 до 1 кг сирење.

Кои се челните луѓе кои раководат со компанијата?

Компанијата Млечен Бисер ја купи веќе постоечката К-Фарм и работи на нејзино реновирање, проширување и зголемување на асортиманот.

Која е Хелена?

Мојата задача во К-Фарм е успешно да ја реализирам продажбата на производите, да го водам делот кој опфаќа branding, digital marketing, social media и да правам маркетинг
кампањи како онаа на која работам во моментов за нашиот нов производ, органската козја сурутка. Подготовките околу маркетинг кампањата се мојот омилен дел, особено за оваа за
сурутката бидејќи станува збор за продажба на исклучително здрав производ кои има безброј бенефити. Во работата многу ми помага и тоа што моето средно образование е завршен фармацевтски техничар во комбинација со економски студии, односно маркетинг менаџмент што значи дека во моментов имам супер спој за правење на одлична кампања. И покрај многуте обврски околу работата сепак имам време и за фамилијата, за мојот сопруг Ацо и моите домашни миленици. Секогаш сум добро расположена за пијачка со моите другарки а и за шетање надвор од земјава на егзотични дестинации.

Како дојде до идејата за козја сурутка? Кои се предностите на овој производ?

Не постои човек кој нема чуено за тоа дека сурутката се вбројува во категоријата на најздрави намирници. Особено козјата сурутка која има големо и позитивно влијание на човечкиот организам. Таа има ниска калорична вредност и мала концентрација на маснотии (1 литар сурутка содржи 360 калории), богата е со калиум, натриум, фосфор, железо, цинк,
бакар, кобалт, манган, повеќе од 5 витамини, висок процент на протеини и широк спектар на важни аминокиселини како цистеин, глуцин и глутамат. Козјата сурутка е во течна агрегатна состојба која се добива при процесот на правење на сирење. Поради протеините кои ги содржи, козјата сурутка е добра за здравјето и функционирањето на мускулното ткиво затоа е и од особено значење да ја конзумираат луѓе кои активно се занимаваат со спорт и се изложени на зголемена физичка активност и напор.

Козјата сурутка се препорачува и за трудници и родилки, за луѓе кои имаат проблеми со болести на белите дробови или проблеми со дишењето, при изложеност на високо ниво на
токсикација или за детоксикација на човечкиот организам.
Козјата сурутка се препорачува и за лица со оштетен црн дроб, при претерано конзумирање на алкохол или долготрајна  употреба на лекови, но кај лица со зголемено ниво на холестерол во организамот, лица со висок крвен притисок, дијабетичари или лица со болести на срцето.
Козјата сурутка е многу ефикасна во зајакнување на имунитетот, односно како превенција и заштита од вируси и инфекции. Се препорачува и за употреба кај лица после операција или процес на лечење на различни болести.

Со што друго се занимава Хелена?

Покрај работата која целосно ме исполнува и прави среќна, љубител сум и на спортот. Себеси се доживувам како активна девојка која ретко користи автомобил да стигне до одредена
локација. Моето долгогодишно хоби, аеробикот и неговото детално проучување и посветеност пред одредено време доведе до тоа да се надградам и да почнам да се занимавам и професионално со овој спорт како инструкторка. Благодарение на мојата долгогодишна професорка, инструкторка а воедно и пријателка Марина Стоилкова Симеонова станувам се подобра во тоа што го работам. Тренинзите се одржуваат секој ден во најглемата сала во градот, во Ultimatefit Alebras во Kисела вода.

Ги водам тренинзите за Full body aerobic кој содржи интензивни аеробни и анаеробни вежби за цело тело. Сурутката и тука има голема улога, ми помага со тоа што ми дава дополнителна сила и енергија да ги издржам секојдневните интензивни тренинзи.

К-фарм е лидер на пазарот во органски козји производи, како успевате во сето тоа?

К-фарм е компанија која уште од формирањето континуирано се труди да го развива и да го подобрува своето работење. По купувањето од страна на Млечен Бисер, насочени сме кон одржување и подобрување на политиката за квалитет и креирање на задоволни крајни потрошувачи. Позади еден готов производ стои тим кој е синхронизиран и стручен во
својата област. Со самото сертифицирање за органско производство потребен е многу поголем труд, дисциплина и работа околу целиот процес на добивање на производите и
благодарение на тимот кој секојдневно работи на фармата успеваме да го одржиме квалитетот и да бидеме успешни.

Што претставува органско производство?

Органското производство како систем ги зема предвид еколошките, економските и социјалните аспекти на сточарството на локално, национално и на глобално ниво. Промовира методи и практики кои ја обновуваат, одржуваат и подобруваат еколошката рамнотежа во производствениот процес. Oрганскиот производ е квалитетна и безбедна намирница од одржливо производство. Во принцип, во органското производство е
дозволена употреба на материи кои настануваат природно, додека недозволени се материите што се произведуваат вештачки. Во нашиот случај тоа значи дека козите пасат на околните пасишта а не се стационирани во штала и хранети со храна која не е органска. Органското производство обезбедува хармонично управување со хранливите материи, а резултатот е
вкусен, здрав ОРГАНСКИ ПРОИЗВОД со висока хранлива вредност, богат со макро и микроелементи и витамини. Поради тоа, редовно конзумирање на органски производи придонесува за зачувување и подобрување на здравјето и спречување на појава на болести.

Други производи кои ги застапувате на пазарот?

Покрај органската козја сурутка произведуваме и органско козјо сирење и кашкавал.

Цели, визија, мисија?

Целта на К-Фарм е да го одржи и успешно да го продолжи органскотото производство. Во моментов во подготовка имаме органско козјо сирење со хималајска сол, производ кој ќе биде нов и единствен на нашиот пазар, а исто така работиме и на зголемување на асортиманот со разни видови на сирења и кашкавали, урда и органско козјо млеко. Нашата визија на која работиме со полна пареа е целосно проширување на домашниот
пазар, производите да бидат достапни низ цела Македонија како и проширување на странскиот пазар, надвор од границите на Македонија.