Голема катастрофа за текстилниот бренд H&M

2018 година досега не е добра за H&M. Приходите се намалени за 62%. 1,37 милијарди шведски круни (околу 134 милиони евра) значат најниска добивка во еден квартал во последните повеќе од 10 години.

А сега уште стигна и информација дека претпријатието седи врз планина од непродадена облека, во вредност од 4,3 милијарди американски долари (3,5 милијарди евра). „Почетокот на годината воопшто не беше добар“, вели шефот на H&M, Карл-Јохан Першон, внук на основачот на фирмата Ерлинг Першон.

Структурни проблеми и скандали

Но, ова е можеби дури и минимизирање на катастрофата. Проблемот на претпријатието би можел да биде толку голем колку и огромната мрежа со филијали ширум светот, која брои 4700 продавници. Затоа што купувачите сѐ повеќе ги избегнуваат продавниците на H&M со образложение дека тие се преполни, несредени и имаат премалку персонал. Купувачите поради тоа повеќе сакаат да купуваат преку онлајн-портали.