Интервју со : Ирма Башеска Ристовска режисерка и сценаристка

Во Понеделникот, во организација на Контра Кадар и ДАСТА Академија во Кино Култура во Скопје се случи проекција на два дебитантски филма на младата режисерка и сценаристка Ирма Башеска Ристовска. Документарниот филм со наслов „Мојот татко“ кој што се занимава со македонскиот, но интернационално познат скулптор Жарко Башески, низ перспектива на односот татко-ќерка. На краткометражниот игран филм „13 Мај“ работеше млада, но многу талентирана актерска екипа, во состав Аница Бебиќ, Филип Трајановски и Мишо Димитријевски. Монтажата на играниот ја потпиша Мајда Бошњак Атанасовска, а на документарниот Богољјуб Миловановски. Директор на фотографија на двата филма е извонредниот кинематограф Владимир Димоски, а автор на музика Александар Андовски. Двата филма се во продукција на Центарот за образование, култура и уметност „Данаил Станојески“ популарно познат како ДАСТА Академија.
Во продолжение ексклузивни одговори на нашите прашања од Ирма Башеска Ристовска:

Завршивте новинарство, магистриравте Драматургија на Универзитетот за аудиовизуелни уметности. Од каде идеја за ваков “трансфер”?

  • Желбата да се запишам на драматургија/сценарио ја имав уште од средношколските денови. Дури можам да кажам и дека се двоумев помеѓу режија и сценарио. Кога дојде денот да се запишам на факултет, се обидов прво на ФДУ, но таа година немаше можност да се слуша ниту едното ниту другото, па така некако дојде идејата за новинарство. Откако го завршив факултетот, не постоеше ниту грам двоумење дека сакам да се запишам и на драматургија, па многу лесно одлучив да продолжам на магистерски студии на Умиверзитетот за аудиовизуелни уметности.

Освен магистратурата, продолживте да се градите како уметник на Мастер клас програмата на Проф.Владимир Блажевски (со соработник на сценарио Дејан Дуковски) на ДАСТА Академија. Битно ви е да “соберете” што повеќе знаење за вашата уметничка дејност?

  • Секако дека да. Со оглед на тоа што ми недостасува многу од знаењето кое би го добила на регуларни додипломски студии на Универзитетот за аудиовизуелни уметности или пак ФДУ, оваа шанса беше одлична можност на некој начин да “пополнам некои дупки“ во моето образование. Никогаш нема да можам да речам дека сум научила и знам се, затоа што секој учи додека е жив, но особено кога станува збор за уметност, мислам дека најголемото знаење се стекнува преку пракса и работа. Читање, учење теорија и историја, анализи, но најмногу работа!

Сценарио или режија? Или и двете?

  • До пред некое време сигурно би одговорила само сценарио, затоа што отсекогаш се замислував скриена во некој агол, сама со својот лап топ, да пишувам па некој друг да ја брка „страшната“ работа, но сега некако тој став полека се менува. Мислам дека имав преголем страв од тоа да ја земам целата работа во свои раце, затоа што одговорноста и теретот се големи, а во природа ми е да го преиспитувам својот квалитет секојдневно. Но мислам дека ова искуство, иако прво, за мене не е воопшто мало затоа што ме извади од една опасна зона на страв и паника. Сега можам со сигурност да кажам дека би сакала и понатаму да се занимавам со режија, да работам на себе и на тоа поле да станам подобра, затоа што меракот е голем кога делото знаеш дека си го реализирал ти. Особено кога текстот е твој и знаеш дека ќе го изведеш како што го замислуваш, или најблиску до тоа.

Имавте можност да изработите еден краткометражен игран и еден документарен филм. Кој процес ви беше поинтересен?

  • Двата беа многу интересни на свој начин, не би можела да издвојам еден преку друг, особено затоа што и двата беа сосема ново искуство за мене. За играниот филм требаше да научам на лице место како да се однесувам на сет, како изгледа снимање во јавен простор, како да се снајдам со импровизиран сет, како изгледа да се мести светло и како да го барам од актерите тоа што сакам да го добијам. За документарецот пак научив како изгледа да се снима без стриктно сценарио и како ситуациите сами го поставуваат филмот. Монтажата беше најопасниот дел затоа што тогаш одлучувавме што да оди, а што да остане за филмот да остане искрен, но не здодевен со премногу информации. Особено беше интересно, но морам да потенцирам дека и многу тешко, тоа што субјектот на филмот беше мојот татко.

Режисерот ја има позицијата на надмоќ во екипата. Дали ја употребувавте во процесите?

  • Дури и сега кога ќе го слушнам тој израз „надмоќ“ или тоа дека режисерот треба да биде „брутален“ со екипата затоа што станува збор за негов проект и треба да направи се за да го добие тоа што го сака онака како што го замислува, ми звучи многу тешко за да го прифатам како мој начин на однесување. Не знам дали е тоа затоа што ова ми се дебитантски филмови и немам никакво друго искуство освен ова, времето и следните проекти ќе покажат како ќе изгледа тоа навистина. Во случајот на овие два проекти, иако имав јасна замисла за тоа како сакав да изгледаат и како да се снимат сцените, не се наметнував по секоја цена, дури и се најдов во некои ситуации кога од страв се повлекував па едвај чекав некој да ми помогне со сугестија. Мислам дека сето тоа си дојде со новиот терен.

Каква беше реакцијата на публиката?

  • Во најголем дел од она што сама го видов и сум свесна, позитивна. И на двете прикажувања двата филма добија големи аплаузи и сум неизмерно среќна кога слушам дека и двата успеале да предизвикаат емоции. Мислам дека сите се свесни дека станува збор за дебитантски филмви, студентски проекти со многу низок буџет, но мислам дека и покрај техничките проблеми, суштината на двата филма успеа да продре до публиката.

Вашето семејството кое беше дел од документарниот филм ви даде огромна поддршка. Колку е битна поддршката за еден млад уметник да си го најде местото под сонцето?

  • За мене беше од огромно значење и се сметам за неизмерно среќна што и двајцата мои родители се уметници и знаат што значи да сакаш да твориш, да се бориш со ограничувњата во оваа мала држава и со големата конкуренција надвор. Свесни беа во што се впуштам и дека ќе биде тешко и дека ќе биде потребна многу работа и докажување, но свесни се и колку тоа значи. Дури и кога самодовербата ќе паднеше, моите родители и мојот сопруг беа оние кои ме креваа назад. Не можам да им се заблагодарам доволно што се согласија да бидат дел од документарецот.
    За жал, знам дека не секој ја има оваа поддршка, особено не во помали земји како нашата, особено не каде што се бориме за егзистенција и парите ни се еден од главните проблеми. Поддршката е важна, но мислам дека мотивацијата, страста и искрената желба да се создава уметност не треба да зависат од туѓа поддршка.

Што е следно во план со двата филма?

  • „13 МАЈ“ и „МОЈОТ ТАТКО“ заедно со уште три филмови во продукција на ДАСТА Академија ќе патуваат малку низ Македонија во наредниве месеци.  Во план е да се прикажуваат во Струга, Битола, Прилеп, Куманово, а да се надеваме дека ќе има можност и за уште некој град. Во меѓувреме ќе се аплицира за учество на фестивали.

Имате ли идеја за нов филмски проект?

  • Во моментов се фокусирам на друг проект во кој е вклучен драмскиот текст со кој што магистрирав и кој што годинава ќе се одигра. Во меѓувреме пишувам паралелно две филмски сценарија и се надевам дека вниманието нема да ми биде одвлечено па да почнам трето, како што често ми се случува. Откако ќе бидат готови би можела да зборувам за дефиниани планови за започнување нови проекти.