Првото црвено јајце се остава до прозорец – обичаи за Велики четврток

Три црвени, вапсани јајца. Едното за Господ, едното за куќата, едното е за плодност. По нивјето да има, сѐ што ќе се насади, да роди. Да има плод.

Ова е првиот благослов изутринава на Величетврток. Пред изгрејсонце, уште пред првите сончеви зраци да се пробијат во магловитото утро, домаќинките ги вапцаа велигденските јајца. Денеска е Величетврток.

Рано изутринава, направена е најважната работа во пресрет на, како што вели народот „празникот над празниците“ – Велигден.

Првото црвено, велогденско јајце, оставено на прозорецот, да го помилуваат првите сончеви зраци.

Во сите православни домови е истото, но прилепчанки посебно се горди на зачувавњето на традициите за Велигден. Прилепчанката Лилјана Ѓорѓиеска вели – не е само чинот на вапцувањето, туку начинот на кој се прави, пиететот и адетите наследувани од старите, пренесувани од колено на колено.

– Јајцето го претставува гробот на Исус Христос, а истовремено претставува и нов живот – испилувањето на пилето. Црвената боја ја претставува крвта Исусова, затоа традиционално, ги вапсуваме во црвена боја. Јас се приклонувам и кон новините да има и шарени јајца, вапцани во сите бои. Некои со нови, други со стари техники. Ако, нема ништо поубаво од велигденското јајце. Но, главно, гледам прво да имам црвени, а потоа и шарени јајца. Така треба, објаснува Ѓорѓиоска.

И како искусна домаќинка дава и по некој совет.

– Јајцата не треба да бидат најпресни. По традиција, ги купуваме уште изминатата сабота, а во Прилеп е пазарен ден. За да не испукаат во варењето. Да не се чуваат претходно во фрижидер, оти ќе бидат премногу студени, па, пак, ќе испукаат. На тивко да се варат, советува Ѓорѓиеска.

Првото црвено велигденско јајце е симбол за здравото поколение. Јајцата се вапцаа, ама со црвено јајце треба да се благословат децата, да се избањаат со него. Да се благословат.