„Ужегнатост“ на „Артопија“ на 16 април во ДТЦ – Чаршија

Последната продукција на независниот театар „АРТОПИЈА“, претставата „УЖЕГНАТОСТ“, работена по текстот на Иван Вискочил, а во режија на Владимир МИЛЧИН, на 16 април, 2018 со почеток од 20 часот, ќе биде изведена во Детскиот театарски центар во Стара чаршија, во рамките на 11. ИТФ „ ЛИЦА БЕЗ МАСКИ“.

„УЖЕГНАТОСТ“, раскажува приказна за БЕЛАТА ПАЛАТА, сместена во центарот на градот, за која граѓаните не знаат која институција е сместена. Службениците кои се вработени во неа постојано носат шапки. Граѓаните не знаат дека под шапките службениците носат путер. Тие носат шапки и под нив путер на главите и кога се на своите работни места во Белата палата, и кога одат по улица, и кога по работното време ќе појдат на пијачка. А кога ќе дојдат дома, ги симнуваат шапките и путерот го оставаат во фрижидерите за да не се истопи. Однатре, Белата палата е всушност огромен фрижидер во кој службениците седат со путер на главите. Платени се со путер на главите да ги пречекуваат шефовите кога овие, разбеснети поради проблемите, ќе влетаат и ќе се истурат врз главите на службениците. Ќе се олеснат врз наведнатите глави на службениците кои не знаат како изгледаат шефовите. Не смеат ни да ги кренат главите.

Еден ден, системот доживеал хаварија. Во Белата палата снемало струја, путерот почнал да ужегнува, да се топи и да се слева по лицата на службениците. Подот на салата станал мочуриште од пожолтена смрдлива лигавица на која се лизнал еден од главните шефови и буквално се искршил на парчиња. И тогаш службениците сфатиле дека нивните шефови биле гипсени скулптури, пиедестали и скелиња…

Кафкијанската гротеска се расплеткува пред гледачите во текот на истрагата што ја води еден не многу агилен истражител кој со два прста удира по машината. Во признанијата на тројцата преживеани службеници се открива дека Белата палата била гнездо во кое службениците, без оглед на понизноста пред шефовите, изградиле еден систем на корумпираност, полтронство, лицемерие и проституција. Записникот кој на крајот ќе го прочита истражителот не содржи ништо од признанијата и исповедите на службениците. Тој е само неразбирлива турлитава од зборчиња, букви и интерпункциски знаци, хартија која ќе заврши во кошот за отпадоци.

Во претставата играат: Симона Спировска Костовска, Наташа Петровиќ, Тамара Ристоска, Ненад Митевски, Бојан Кирковски, Мартин Јорданоски.
——————————————————————————————-
Билетите се во продажба на касата на Универзална сала Скопје, секој работен ден од 12:00-20:00ч.
Цената на билетот изнесува 200 денари.
Резервација на билети на itf.faceswithoutmasks@gmail.com и на телефонскиот број: 02/3245-615 и 077/629-790.