Ќе се зголемат коефициентите за исплата на дежурствата на здравствените работници

1

Министерството за здравство соопшти дека преговорите за исплата на дежурствата и ноќниот труд на докторите, медицинските сестри, транспортерите, гипсерите и протетичарите се во финална фаза.

„Дежурствата и ноќниот труд ќе се пресметуваат по нови покачени коефициенти, а исплатата ќе биде со мартовската плата. За оние што веќе ја примиле мартовската плата, дополнително ќе им се исплати разликата. Веќе е одвоена дополнителна сума од страна на буџетот на ФЗОМ, а по потпишувањето на договорот, ќе се изврши исплатата“, соопшти Министерството за здравство.

Објавата следува по средбата што ја остварија министерот за здравство, Венко Филипче, со претседателот на Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар, Горан Беговиќ, и претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Љубиша Каранфиловски.