Илина Ведран : Најголемиот животен крах, ми освозможи да го откријам мојот талент

Која е Илина Ведран?

Илина Ведран е автор, тренер за личен и професионален развој и говорник. Исто така е носител на првата лиценца во Македонија по методата на Лујза Хеј. Нејзината работа е во полето на мотивацијата и преку својата работа ги инспирира и другите да направат промена која ќе ги одведе до остварувањето на нивните животни цели.

Кажете ни нешто повеќе за Вашиот живот ?

Во својот живот поминав низ многу промени кои ме доведоа до местото каде што сум денес. Она што би го издовила како важен аха момент во мојот живот е дека во детството водена од тогашните случувања кои беа предизвикувачки, пронаоѓав начин како она што го носам во себе да го ставам на хартија и пишував емотивни текстови кои длабоко допираа. Самиот живот ме однесе во сосема друга насока и се запишав на факултет за менаџмент. Тогаш живеев во Белград и таму и се вработив во банка. Еден ден сфатив дека таа работа иако беше добра мене лично не ме исполнуваше, а сето тоа беше резултат дека длабоко во себе го потиснав својот талент и почнав да се движам во некој правец кој ги задоволуваше туѓите очекувања, но не и моите.

Од Белград заминав пред  девет години и во тој период во мојот живот се соочував со некои случувања кои ме одведоа мојот најголем животен крах. Од ова гледиште денес  тоа беше најдоброто нешто кое ми помогна да се пронајдам себеси и да се сетам на своите заборавени делови во кои  постои неисцрпна инспирација и креативност. Во својата книга Заврти нова страница во својот живот го опишав целото тоа патување и секојдневно добивам пораки од читателите како книгата длабоко ги допира и ги иснпирира на промени, исто како и моите текстови од детството.

Денеска преку мојата работа им помагам  и на моите клиенти да го пронајдат она кое е автентично за нив и да ја пронајдат својата сила за да почнат да чекорат по својот личен пат ослободени од туѓите мислења и ограничувањата кои им се наметнати во текот на животот. Мојот аха момент беше кога сфатив зошто сум тука на оваа планета, зошто се будам секое утро, а сето тоа се случи оној момент кога се поврзав со детето кое некогаш сум била и оние работи кои спонтатно отсекогаш сакав да ги правам. Верувам секој од нас е најдобар во нешто, а одговорноста  е на нас дали ќе си дозволиме во овој живот да го освестиме тоа.

Како и поминува еден работен ден на Илина ?

Мојот работен ден започнува некогаш со спортување, а скоро секој ден со утринска медитација.Тоа е одличен начин да се започне денот во мир, а сето тоа допринесува поголема продуктивност и позитивна комуникација со луѓето кои ги сретнуваме во текот на денот.

Мојата работа не содржи стрес, сем оној минимален околу организацијата на настаните и поради тоа можам самата да си дадам време за одмор и да одлучам колку и што сакам да работам во текот на денот. Некогаш снимам  видеа, пишувам текстови а во овој момент работам и на мојата трета книга.

Како дојде до идеата за оваа работа и како успеа да ги надминеш личните ограничувања за да направиш чекор кон нешто непознато?

Она што ме доведе до оваа работа е моето животно искуство и работите кои се случија по моето враќање од Белград. Животот постојано на некој начин не предупредува дека треба да промениме нешто и на почетокот ќе не допре со интензитет на шепот, ако не го послушаме следниот пат тој шепот ќе се претвори во силен удар кој нема да можеме да го игнорираме. Тоа се моментите кога луѓето најчесто носат одлука за промена, а вистината е дека и многу порано можела да се случи промената.Таа промена наместо да почнува од точка на страдање може да се случи од состојба на радост со желба да откриваме нови нешта кои ќе ни помогнат да станеме подобра личност.

На почетокот никој не веруваше дека можам да успеам во ова и земјаќи го во обзир минатото работно исксутво ова беше потполно спротивно од  се што правев дотогаш.

Длабоко во себе чувствував дека јас сум родена за ова и постоеше нешто кое интуитивно ме водеше да превземам чекори и на интересен начин сите врати ми беа отворени, а на мене остануваше дали ќе го преминам прагот или ќе продолжам да верувам во она кое другите го мислат и стравуваат за мене. Јас одлучив да го преминам прагот и тоа беше вистинската одлука која ми отвори нови хоризонти и на тој пат првенствено самата јас се трансформирав а потоа се околу мене се промени.

Што е тоа академија за личен развој?

Академијата за личен развој е можност за сите оние кои сакаат да направат лична и професионална трансформација и да ги остварат своите соништа, да научат начини преку кои можат да го реализираат сето тоа. Илина Ведран Академијата нуди различни обуки за индивидуалци и оние кои сакаат професионално да се развиваат во областа на мотивацијата.

Што може да научиме таму?

На нашите обуки може да се научи многу нешта, односно да се искусат. Нашите клиенти викаат дека обуките им даваат знаење и исксутво кое доведува до внатрешна трансформација како и менување на околностите во кои се наоѓаат. Она што може да се научи е разни методи преку кои можеме да делуваме на своите ментални ограничувања, да управуваме со своите емоции, да поставуваме цели, да креираме јасна визија, да ја промениме перцепцијата и однесувања кои ни создаваат препрека за да стигнеме до својата цел, а откога ќе поминеме низ личен процес учиме начини како сето тоа можеме да го пренесеме и на другите.

Какви резултати да очекуваме од академијата?

Сигурен резултат е позитивна промена, фокусираност и јасна визија. Се останато е плус, а нашите клиенти викаат дека секогаш добиваат многу повеќе од своите очекувања.

Што значи мотото – „ Креирај се себе си ? “

Во нашиот живот постојат многу работи кои можеби сакаме да ги промениме и некогаш се обидуваме да делуваме од екстерно кон интерно ниво. Можеби некогаш ќе успееме привремено да промениме нешто и сето тоа е краткорочно.

Вистината е дека единственото нешто кое можеме трајно да го промениме за потоа се останато да се промени во нашиот живот, сме самите ние. За да креираме живот каков што посакуваме, првенствено е потребно да научиме како да се креираме себеси.“ Креирај се себеси„ е програма која преку своите методи дава увиди кои ни помагаат подобро да се запознаеме себеси и да станеме свесен креатор на својот живот.