Цртанот со кои што израснаа постарите генерации “Мечето Ушко”

Кој се сеќава на „ Мечето Ушко“. Интересен истовремено и поучен. Ушко со другарчето зајаче секојдневно доживува интересни случки од кои учи по нешто. На крај од денот, пред да го изгаси слетлото во својата соба, раскажува за доживувањата во текот на денот.

Во рамките на некогашна СФРЈ се чини дека серијата најголема популарност доживеала токму во Македонија. Генерации млади Македонци со нетрпение ја чекаа секоја нова епизода, која се емитувала во терминот пред вториот Дневник. Серијата започнала да се емитува скоро во исто време како и во Полска. Не се знае точниот број на откупени епизоди. Мечето Ушко се емитувала на Телевизија Скопје, која после осамостојувањето на Македонија се преименува во Македонска радио телевизија. Македонската синхронизација на ликовите му била доверена на извонредниот Борис Мајсторов, кој му дал еден особен момент на овој лик, па така многу генерации се сеќаваат на Мечето Ушко токму по гласот на Борис Мајсторов. Серијата никогаш не прекинала да се емитува на националната телевизија. И новите генерации имаат можност да се дружат со ова фино и дружељубиво мече.

Мечето Ушко  е од Полска од анимираната телевизиска серија со исто име. Заедничка творба е на полскиот писател Чеслав Јанчарски и карикатуристот Збигњев Рихлицки.

Првото појавување на Мечето Ушко било во полското комично списание за деца, “Миш”, на 6 март 1957 година. Подоцна, тоа било главен лик на неколку детски книги, кои биле преведени на повеќе странски јазици. Меѓутоа, својата најголема популарност ја стекнало во 1975 година, кога Студиото за мали филмски форми, СЕ-МА-ФОР од Лоѓ , ја создало анимираната серија за Полската Радио Телевизија, вклучувајќи го актерот Мејчислав Чехович, кој им го позајмил гласот на ликовите.

Мечето Ушко и неговите пријатели – Прасенцето, Зајчињата и Зајчето беа хит кај децата.  Во исто време, Мечето Ушко, ја имало улогата на пријател од градинката. Тоа исто така имало големи симпатии и кај родителите, бидејќи секогаш си легнувало во соодветно време, пеејќи приспивна песничка.

Мечето Ушко е прикажано во 104 епизоди; последната епизода се емитувала во 1987 година.