Конечно излезе од печат најновата книга на Оливер Спасовски со наслов „Оливерови патувања – Длабоки мисли од мојата интима“

„Читањето на оваа книга претставува едно умствено патување од точка А до точка Б, во кое точката А всушност е појдовната точка или тоа е времето пред да ја читаш книгата, а точка Б е станицата на која ќе пристигне твојот мозок кога ќе ги препловиш сите Оливерови мисли расфрлани на парче хартија како перничиња на кауч“ вели рецензентот на книгата, Бујар Османи. „Оливеровите патувања не ме запозна само со гоподинот Спасовски и со светот, книгата ми помогна да се запознаам самиот себе“ додава Османи и продолжува „Откако ја прочитав книгата, кога и да се сретнам со Оливер, секогаш, ама без исклучок, секогаш со него се поздравувам со гушкање“.

Како издавач на  „Оливерови патувања- Длабоки мисли од мојата интима“ се јавува издавачката куќа „Ремонт на пруги“ која ве кани на 15 мај во 23:59 часот да присуствувате на промоција на книгата во клубот „Секси бист“ на булеварот Мајка Тереза. Влезницата ќе биде 2 000 денари, а со неа ќе имате две пијачки и пирошка. Од „Ремонт на пруги“ велат дека освен пирошката ќе има и друго изненадување кое го држат во тајност, но откриваат еден детаљ кој можеби дава некои параметри, со тоа што ги замолуваат тие што ќе дојдат на промоцијата да си ги повторат валцер движењата. Освен Бујар Османи, промотор ќе биде и Пепи Манасков кој за книгата вели „Во мојот живот не сум прочитал ништо вакво, а средовечен сум“. Книгата ќе се продава по промотивна цена од  200 денари.

Оливер Спасовски е роден пред некое време во Куманово, завршува некој факултет и нешто работи. Кратко време беше министер, па не беше и сега повторно е министер. Ова е трета негова книга, што е општо познато бидејќи првите две имаа неверојатен успех. Неговата прва книга „Куци, куц, а бе каци бе ти? Каци?“ е сега за едно дете од основно училиште кој нема другарчиња, никој не сака да го дружи и решава да си земе куче, кое ќе му избега и на крај врзува канта за сирење на ланец и ја нарекува Бучи. На тој начин конечно наоѓа пријател со кого шетаат по полиња и имаат авантури. Оваа книга беше проследена со многу контраверзии и шпекулации откако на прашањето дали е автобиографска или дали има било каква врска со неговиот живот тој одговори „Не!“ но на окото му се појави солзичка. Неговата втора книга беше „Сексуалните фантазии на Вероника“ која е за сексуалните фантазии на извесна Вероника, фиктивен лик. За оваа книга никој не го праша дали е од лично искуство. Успехот на драмата беше енормен, освен што ја поставија повеќето театри кај нас, беше поставувана и во странство и тоа два пати, во Париз и во Чачак.

И. П.