СЕЌАВАЊА: Ми одѕвонуваат заканите дека ќе не запалат и убијат!

Повеќе од два часа оставени на милост и немилост. Затворени во преведувачката кабина во собраниската галерија. Очај, страв, неверување. Пишував пораки на мајка ми да бараат полиција. Секундите траеја години- ова се сликите кои и по една година од нападите во Собранието на 27 април секојдневно ги сонува пратеничката Ивана Туфегџиќ.

Таа се навраќа на ланските немири, кога разгневена толпа граѓани влезе во Собранието и физички ги нападна пратениците на мнозинството. Вели од едноставен работен собраниски ден стана ноќ на хорор и лудило кое без контрола се претвори во најцрното сценарио, срам за демократијата, моралот, достоинството.

“27ми Април, една година подоцна се уште буди емоции, сеќавања, разговори со колегите, семејството, пријателите за хоророт кој го преживеавме. Се уште ми се враќаат сликите и звуците од таа вечер, кога последното нешто кое успеав да го видам беше фрлањето сталаци од камери и крвавата глава на Заев, по што само ги слушав звуците, заканите дека ќе не запалат и убијат од преведувачката кабина во галеријата каде со уште четворица колеги бевме затворени”- раскажува пратеничката.

Најтешко вели е чувството на беспомошност и безизлезност, кога целиот живот во еден миг ти минува пред очите, а не можеш да најдеш логична причина зошто си се нашол во тој хаос.

“Она на кое најмногу се сеќавам е чувството на беспомошност и целосна немоќ, како и очајното пишување на пораки на мајка ми да бараат полиција, бидејќи повеќе од 2 часа бевме оставени на милост и немилост. Такво чувство не му посакувам никому, а дури во моментот кога веќе имав загубено надеж дека воопшто живи ќе излеземе од Собранието, се слушнаа првите шок бомби од полицијата. Имавме недоверба кон полицијата и дали воопшто да излеземе од кабината, затоа што не знаевме дали воопшто се дојдени да не извлечат од крвавиот пир. Една од сликите која година дена подоцна не ми излегува од глава е сликата во канцеларијата на колегата Влатко Ѓорчев, крвави глави, хаос, секој ги бара колегите дали се добро, сите се на телефоните, едноставно тоа беа слики како на лош филм. Детонациите од шок бомбите, викањето на полицијата да се тргнеме од прозорците буквално изгледаа како да се наоѓаме среде воена зона”- додава пратеничката Туфегџиќ.

Смиреноста и приземноста на оние по чии глави дојдоа насилниците смета дека придонело токму оваа ноќ состојбата дополнително да не ескалира и да не западне во страшни сценарија за државата.

“На крајот конечно успеаа да не извлечат и ми се чини дека и денеска не можам да склопам некои слики и сцени кои се случуваа, а најмалку како конечно успеавме да излеземе живи од таму. Сепак сметам дека ова на некој начин е наш втор живот и огромна шанса за општеството да постави здрави темели за функционирање. Сцените на хоророт остануваат и за нас и за нашите семејства, блиски, како и за граѓаните и тоа нема да заврши никогаш, меѓутоа важно е тој настан да добие судска разврска и сите обвинети да добијат фер и правично судење. Не смееме да дозволиме магичен круг на омраза и на нашето општество му е нужно помирување, а до помирување може да дојде само и единствено преку правдата”- потенцира пратеничката.

Од денешната перспектива, иако се уште е многу рано и свежо преполно со емоции, вели важно е да се потсетуваме на тој ден како еден од најцрните денови во историјата на Македонија, врвот на лудилото и насилството на една власт која не дозволуваше мирен трансфер на власта за да ги заштити криминалците во своите редови. Но и како ден кој ќе не потсетува на една голема лекција која мора да заврши со правда за никогаш да не се повтори.