МАЛКУ ПОЗНАТИ ФАКТИ ЗА ГОЛЕМЦИТЕ (Вол. еден)

Општо е познато е дека големците од политичката сцена во Република Македонија го носат товарот на контрола на нашите животи. Поради тој товар тие можат да одат на одмори каде сакаат, да се облекуваат како сакаат, да возат што сакаат и колку сакаат. едноставно да прават што сакаат. Така треба  да биде.

Рубриката „Малку познати факти за големците“ има за цел да ги запознае читателите со  нешто лично за познатите политичари и моќници, нешто што повеќе ќе ги поврзе со граѓаните, обичните смртници. Сепак, тие лични факти, иако треба да покажат дека големците имаат и човечки особини, не треба да бидат причина да заборавиме дека тие се подобри од нас и повеќе вредат.

 

Илија Димовски е творец на нов јазик. Илија Димовски заедно со еден свој пријател на само 24 годишна возраст има создадено нов јазик, кој има сопствени правила и граматика, нема преголем фонт на зборови, но доволен. „Здраво, како си?“ на тој јазик би се кажало „Аља, пу куку?“, „Џоњо покљ“ значи „Скокотливо коленце“, додека „Кахаља, кахаља, пахаља кахаља, пња бљу љакуља“ во превод би било  „Те љубам, те љубам, бескрајно те љубам, само ти ме радуваш“.

Фросина Ременски се шегува, се шегува, забегува. Малку е познато дека Фросина Ременски е најинтересната персона која може да се има во друштво. Кога е во кафеана или некаде на пикник, таа со своите шеги ги засмејува сите присутни и прави истите да се чувствуваат блажено. Никој никогаш не се почувствувал загрозен или непријатно од Фросиновото шегување, бидејќи таа никогаш не се шали на нечија сметка. Нејзините смешки се хумор во најчиста форма.

Коце Трајанвоски никогаш не гледал порно филм. Ова е многу чуден, несекојдневен факт. Коце Трајановски во животот никогаш не гледал порно филм и тоа не поради некакви принципи или вредонсти, едноставно немало таква прилика. Кога и да бил блиску до гледање, секој пат нешто му искрснувало, или немало време, или не знаел да си пушти или нешто сосема трето.

Талат Џафери си ја заглавил главата меѓу решетки.  Во основно училиште, Талат Џафери ја ставил главата меѓу решетките од оградата на училиштето и така го поминал целото шесто одделение. Кога завршила школската година и дошло време да ја извади главата, не успеал, бидејќи во периодот од тие две полугодија главата му пораснала. Наставничката по физика консталтирала дека немало друг начин Талатовата глава да се извади од оградата освен да се викне сечач на решетки. Но, додека го чекале мајсторот, Талат се ослободил. Откако сите со поглед го запрашале „Како?“, тој одговорил „Кога нешто многу, многу сакаш и кога имаш силна волја, тогаш…“ не докажал, си заминал, знаејќи дека поентата е сфатена.

И.П.