КРАТКО, МАЛКУ ПОИНАКВО ИНТЕРВЈУ СО АЛИ АХМЕТИ. ИЗОБИЛСТВО НА ЧУВСТВА, АЛИ СЕ ОТВОРИ.

Разговараме со АА за животот, среќата, љубовтa, пријателството, книгите…

Што за вас претставува животот и зошто треба да живееме?

AA: Фантастично прашање. Животот е како река, тече. Треба да се користи секој момент во животот, затоа што тој е краток и за ништо не треба да се каеш или срамиш. Значи, најважно од сè би било животот да го поминеш бесрамно. Еве сега ќе си купам хиликоптер, и нема двоумење, ќе го направам тоа што побрзо бидејќи не знам уште колку ќе живеам, дали ќе ме има утре.

Не зборувајте така, ве молам, боли.  

AA: Добро, нема.

Што за вас значи среќата и што ве радува?

АА: Во различен период од животот ме радувале различни нешта. Во последно време ме радуваат малите работи, како пример би кажал дека моментално ме радува готвењето. Сакам да готвам, да сецкам зеленчуци, ми се допаѓа како храната ме скокотка меѓу прстињата. Дур готвам, „Порке те вас“ е на рипит, а место на кое највеќе сакам да готвам е втората кујна од третиот спрат на мојот дом. Таа кујна некако највеќе ми има душа и вентилација. Друга работа која ме радува е пријателството. Еве моето менторување со господинот Артан Груби прејде во прекрасно пријателство, како во филм. Често доаѓа кај мене на гости и заедно со господинот си готвиме, си сецкаме, си динстаме, си запржуваме, но си слушаме друга песна на рипит. Не знам дали го знаете оној дует „Јес ср ај кен буги, буги вуги…“ (потпевнува).

Ја знаеме песната, како не. Не знам дали сте приметиле, но во последно време нема така добри дуети.  

АА: Не сум приметил.

Што мислите за љубовта и за љубењето?

АА: Морам да признаам, уште едно феноменално прашање. Но, јас не се чувствувам компетентен да одговорам на истото. Имам мислење, но сепак не би сакал да дадам лаички одговори, бидејќи сум свесен за својот авторитет и влијание во Република Македонија и не сакам моите одговори да создадат армија од граѓани со погрешни сфаќања за љубовта. Видов дека во новата книга на Оливер Спасовски има поглавје „ Љубов“ кое претпоставувам дека е за љубов, но уште не сум стигнал до таму. Кога ќе имам време, ќе одам во втората дневна од четвртиот спрат на мојот дом, ќе го прочитам тоа поглавје, верувам ќе ми дефинира некои работи и тогаш ќе ви одговорам на ова прашање.

Важи… Дали за крај имате нешто да им кажете на нашите читатели, нешто за што не добивте прашање а сакате да споделите со јавноста?

АА: Не.

Али Ахмети е роден во Зајас, Кичевско. После бурната и палава младост, адолесценција и средовечност тој решава да се потсмири и станува пратеник. Еве повеќе од 15 години е пратеник и не бил на никаква друга функција како на пример, градоначалник, министер, претседател на собрание, претседател на држава, иако во воздухот се чувствува како да бил, е, и ќе биде сето тоа.

И.П.