Каде е и што прави пејачот на детскиот мегахит “Марионка”: Дојдов да ставам тетоважа, па останав во Струмица!

Струмичанецот Васил Гарванлиев нашата публика го запознава на детскиот музички фестивал “Златно славејче” кога ја испеа песната “Марионка” која веднаш потоа стана мегахит и која остана да се слуша до ден-денес.

Во меѓувреме, од некои 20 и повеќе години, се разбира дека популарниот Марионка израсна во големо момче, во вистински маж, а стана и светски познато оперско име, одличен баритон, живеејќи долги години во Торонто, Канада, од 1996 година. Тој по сите светски успеси, од неодамна е пак во родната Македонија, сакајќи овде да направи и кериера на поп пејач. “Вечер” го контактираше комуникативниот и љубезен Васил и еве што тој накусо вели за враќањето во Струмица:

-Искрен да бидам немав баш намера да се вратам, но сето ова испадна непланирано. Дојдов на забар и да си ставам нова тетоважа. Но, добро не беше само тоа причината, но ова ми се случи случајно….за неколку дена токму во Струмица да се сретнам со српскиот композитор Саша Драгиќ, преку една наша заедничка пријателка. И сфатив дека има многу потенцијали во соработката со Драгиќ. Јас и онака долго време барав песна. Музиката ми е се, иако имав многу пречки од некои луѓе ама не им давав на значење, одев само напред секогаш насмеан, вели Гарванлиев за “Вечер”.

Инаку, Васил е една постојано насмеана личност иако животот воопшто не беше кон него дарежлив. Сепак гледа секогаш да е со позитивна енергија и истата да им ја пренесува на луѓето во што често успева. Ужива во својата работа, а целта се уште ја нема постигнато.

– Се надевам дека наскоро ќе имам нова песна, која ќе ја надмине популарноста на “Марионка”. Верувам дека може нешто магично да се случи, да се грмне на прав начин, убеден е темпераментниот Васил.

Извор: Вечер