Најубавите мисли на Гоце Делчев – 115 години од загинувањето

Во Македонија денеска се одбележуваат 115 години од смртта на револуционерот Гоце Делчев, кој на денешен ден во 1903 бил убиен од турската војска во селото Баница, на пат кон Сер.

По тој повод  делегација на Владата на Република Македонија, предводена од премиерот  Зоран Заев  ќе оддаде почит и ќе положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

Денеска се одбележуваат 115 години од смртта на револуционерот Гоце Делчев, кој на денешен ден во 1903 бил убиен од турската војска во селото Баница, на пат кон Сер.

Визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите е роден на 4. февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола.

Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.

Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија.

По убиството, неговите посмртни останки првин се чувале во Баница, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11. октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

Ве потсетуваме на неговите најубави мисли:

„Ослободувањето на Македонија се крие во внатрешното востание. Кој мисли инаку да се ослободи Македонија, тој се лаже и себеси и другите“

„Ќе удри утринската зора и за нас…“

„Труд и постојамство, тоа е силата, со помош на која човек станува највелик при секоја иницијатива“

„Да ја чуваме чистотата на ослободителното движење и на Организацијата – тоа е првиот услов за нашиот успех!“

„Браво, јуначе, дојди да ти ја стиснам раката и да те поздравам, такви и се потребни на мајка Македонија“

„Внатрешната организација не се стреми само да им дава оружје на луѓето, ами и да го разбие нивниот ропски дух“

„Ние се бориме за слободна и независна Македонија со широки права на сиромашното население“

„Јас не сакам востание со луѓе што ќе ме напуштат при првиот неуспех; јас сакам револуција со граѓани кадарни да ги понесат сите искушенија на една долготрајна борба, каква, поради жестоките политички услови, ќе биде и нашата; – или ќе водиме говеда на касапница“

„ Делото на ослободувањето на еден народ, е пред сè негово сопствено дело, на неговите сопствени раце“