МАЛКУ ПОЗНАТИ ФАКТИ ЗА ГОЛЕМЦИТЕ (Вол. два)

Јавна молба до Антонио Милошоски. После енормниот успех на првиот дел од рубриката „Малку познати факти за големците (вол. еден) добивме илјадници пораки со малку познати факти за големците на нашата е-мејл адреса. Повеќето беа од господинот Антонио Милошоски. Јавно го замолуваме гореспоменатиот господин убаво да размисли дали информациите кои ни ги праќа се интересни факти, зашто сепак ова е реномирана рубрика и не е во ред  да пишуваме вести кои немаат врска со животот. Господине Антонио Милошоски, информацијата „Како дете имав жаба и се викаше Мики“, не содржи во себе некоја поголема приказна, иако од сите пораки токму оваа ваша информација е најблиску до тоа што се бара. „Ми се јаде сирење“, „Чекам лифт“ и другите вакви пораки воопшто не треба да ни ги праќате, нема смисла. Сакаме да ве замолиме да престанете и со СМС пораки бидејќи нè вознемируваат. „Мислам дека го видов мацолот“, што треба ова да значи? Или „Те гледам, те гледам во маркет си, кај сосовите“. И замислете некој навистина да беше кај сосовите во маркет, ќе се преплашеше, ќе му смрзнеше крвта. Затоа, размислете пред  да ни пишете порака, всушност најдобро би било воопшто да не ни пишувате, ако ни треба нешто од вас, ние ќе ве контактираме.

 

Филип Петровски уште како дете бил многу, многу важен. Кога Филип Петровски бил дете, тој го поседувал најубавото нокширче во цело Куманово.  И уште го поседува и се фали со него. Нокширчето е многу практично, во преубава боја, ишарано со омилените Филипови цветови. Експертите тврдат дека  неговата подоцнежна богата политичка кариера се должи токму на нокширчето.

 

Петре Шилегов како млад измислил термин што сега сите го користиме. Иако Петре Шилегов е млад во политиката, тој не е млад. Но, порано кога навистина бил млад и никој не го познавал, го измислил терминот  „Морален компас“. Не се знае како младиот Петре ги споил овие два збора и создал термин кој е општоприфатен во целиот свет, а самиот Петре не сака да открие, не бидејќи не се сеќава или не сака, туку затоа што нема време да објасни, има многу работа. „Морален компас“ се користи во повеќе области, а највеќе во хороскоп.

Лилјана Поповски може да се камуфлира во секакви услови во природата.  Популарната Лиле освен што ја сака природата, таа одлично и ја познава. Сосема спонтано научила да имитира, а со тоа и да комуницира со неколку стотици видови на птици. Знае да имитира и неколку видови инсекти, но со нив не знае да комуницира и мудро забележува дека е невозможно да се разбереме со инсектите. Од многуте други нејзини вештини треба да се издвојат нејзиното виртуозно склопчување како печурка и глумењето мртва кога доаѓа мечка.

 

И.П.