Заминувам и не се враќам, за Македонија ќе раскажувам дека е убава земја која треба да се посети

Јас сум четири години во Германија, тука имам менаџерска позиција и солидна плата. За жал не знам ниту еден мој другар или врсник кој во Македонија за толку кратко стигнал до менаџерска позиција. Жално е да учиш десет години факултет и твојата држава да не може да најде начин да ти обезбеди солидни услови за работа.

Покачени цени на бензини, храна, а се запраша ли некој какви се платите во Македонија во споредба со другите европски земји. Дали некој размисли како еден млад човек ќе може со таа скромна плата да вози возило?

Македонија денес е земја на пензионери на кои државата им обезбедува милион бенефиции, а младите се на работ на општество и таму се борат да преживеат ден за ден. Крпат да спојат понеделник со петок и кога ќе сфатат дека не можат да го направат тоа – спојуваат Скопје со Малта и засекогаш заминуваат од својот крај.

Политичарите ни ја земаа младоста и на натераа подобар живот да бараме на запад, да се мачиме во нова средина и ново општество и да почнеме нов живот од почетокот. Не присилија да го оставиме семејството и да еднаш годишно да дојдеме на пет дена да се видиме со нив. И не само на мене, туку на една генерација млади луѓе кои за жал живеат во оваа вечно транзициска држава.

Ќе читаме и слушаме за Македонија. Ќе раскажуваме дека е убава земја која треба да се посети. А, ние ќе ја посетиме, но со куфер полн желби за подобро утре.