Анталија – најголемиот бисер на турската ривиера

Анталија со години е еден од најпосетените турски градови. Тоа е место каде освен странски туристи летуваат и Турците.

Она што ја прави Анталија толку величествена е градот сокриен под прекрасните плажи, луксузни хотели кои ви нудат сѐ што ќе посакате, но и историски знаменитости кои ќе ја задоволат вашата желба да научите нешто ново.

Анталија е сместена во јужниот дел на полуостровот Анадолија, а нејзиното име значи сјајна ѕвезда на Средоземното море. На Анталија ѝ припаѓаат областите Каш, Алања, Манавгат и Кемер. Градот Анталија, главен град на истоимената покраина, има 603.190 жители, но летно време во текот на туристичката сезона, тој број се искачува на 2 милиони.

Анталија е многу живописен град, опкружен со планини, шуми, медитеранска клима и многу археолошки наоѓалишта. Од аеродромот во Анталија може да се отиде до било кој дел на таканаречената Турска ривиера, која ваквиот назив го добила поради природните и историски убавини кои ги поседува.

Анталија, градот во кој се измешани историја и култура, го заслужува називот „главен град на турскиот туризам“, како што многумина го нарекуваат.


Денес овој град живее во златното доба, бидејќи е трансформиран во културно и историско средиште со тематски хотели кои ја „претставуваат“ Венеција или катедралите во Москва.
Тука сеуште можат да се видат траги од византиската, римската и селџучката архитектура.

Иако има многу природни убавини, Анталија е најпозната по своите златни плажи. Плажите Клеопатра и Инцекум се наоѓаат во западниот дел од градот и се долги 2 километри. Плажата Клеопатра е позната по митот дека египетската кралица се капела на тоа место. Лара е вистински дел од рајот со своето тиркизно сино море, полни барови и ноќни клубови.


Што се однесува на сместувачките капацитети, Анталија изобилува со луксузни хотелски ресорти од кои нема потреба да излегувате во текот на одморот, бидејќи нудат буквално сѐ што ви е потребно: спортски центри, хемиско чистење, изнајмување автомобил, менувачници, лекарска помош и т.н.

Анталија има и многу богат ноќен живот. Особено во текот на летните месеци кога улиците и клубовите се преполни со туристи. Има и места со жива музика, а ако сакате рок, техно и хип-хоп, имате безброј опции. Овде ноќните клубови прават тематски забави, танцувачки перформанси, и отворени се до раните утрински часови. Ноќниот живот во Анталија е уште поатрактивен за време на одржување на Меѓународниот „ Golden Orange “ филмски фестивал. Изборот е навистина голем – можете да бирате од помирни места каде во пријатна атмосфера ќе го пиете својот пијалак, па до огромни дискотеки на отворено каде можете да лудувате до раните утрински часови.