Даница Личанин Блажеска: Жените се похрабри, поупорни, но и потемелни, во менаџирање на бизнисот

Во денешниот динамичен свет многу е тешко да се пронајде рамнотежа помеѓу кариерата и семејството. Поголемиот број луѓе работата ја носат дома, а приватните проблеми на работа.

Тука мислам дека има разлика кај жените менаџери и мажите менаџери, вели нашата соговорничка,  инг. Даница Личанин Блажеска, Генерален менаџер и сопственик на „Рептил“ маркети.

Како започнавте со овој бизнис? Од каде идејата? Зашто баш ланец на маркети?

„Рептил“ маркетите постојат 21 година и бележат континуиран  раст и економски успех од своето основање. Нашата компанија е основана врз темелите на поранешните самопослуги „Центро“ преку модернизирање на нивните простории и вработување на дел од нивниот искусен персонал.

Рептил е основана како фамилијарен бизнис врз основа на стечајна компанија со иста дејност – „Центро“ што престана да функционира заедно со бранот на стечајни постапки кај голем број на државни претпријатија во процесот на транзицијата од социјалистички во капиталистички пазар.  Во 1996 год почнавме со 4 вработени во првиот маркет на ул. Рузвелтова, деловен простор на оваа бивша компанија и нејзините вработени (продавачки) со долгогодишно искуство.

Идејата да ја работиме продавницата беше чисто начин да обезбедиме егзистенција за семејството, мојата мајка беше продавачка во „Центро“,  татко ми воено лице кој остана без работа и без приходи поради распаѓањето на тогашната  СФРЈ.

Што работевте претходно, какво е вашето искуство?

По завршување на средното образование работев во една градежна компанија, како технички секретар, дополнително заработував како презентер на странска компанија.

Моето искуство за започнување на бизнис беше никакво, знаев да работам архива,  нешто минимално од сметководствено работење и многу мал дел од продажба.

При одлуката за започнувањето на бизнис ја имав подршката од мојот сегашен сопруг, бидејки тој тогаш имаше маркетче, мојот зет за сестра кој ги обезбеди финансиите и мојата мајка која најдобро ја знаеше како треба да се води продавница.

Едни од ректи сте што работите продажба преку „on line“ продавници, како функционира тоа, дали Македонците се навикнати на ваков начин на продажба? Колку се користи „on line“ продавницата?

Ја пратиме динамиката на брзиот начин на живот и континураниот недостиг на време оттаму само по себе, сé намента потребата за пазарување од дома, како една нова можност на Македонскиот пазар. Он-лајн пазарувањето на reptilmarketi.mk е прекрасна можност за сите оние кои сакаат повеќе време да поминат со семејството и пријателите. Едноставно додека сте на Вашето работно место или во домот можете да ги нарачате сите потребни намирници, кои ќе Ви бидат доставени  на вашата домашна адреса, за време кое Вие сами ќе го одберете. Сакаме да напоменеме дека купувачот може да ги користи сите акциски понуди со намалени цени и со он-лајн пазарувањето. Во овој случај паралелно потрошувачот штеди и време и пари.        Интересот од ден на ден се повеќе се зголемува. Нашата цел е да информираме и поттикнеме што поголем број на корисници на „он лајн“ пазарувањето. Брзото темпо на живот и многубројните обврски оставаат се помалку време за пазарување, тоа е и поентата, времето за пазарување во маркет да го искористиме за уживање со фамилијата и пријателите оттука доаѓа и нашато лого “Рептил до дома”, а слоганот е “Заштедете време и уживајте”. Купувачите кои ќе се регистрираат и ќе ја направат првата нарачка добиваат гратис ваучер од 100 денари.

Интересот за он-лајн пазарување расте и поради фактот што “Рептил“ врши достава на територијата на цела Македонија.

Броите 14 маркети и над 330 вработени, дали планирате да се проширувате?

Потребата и условите  на пазарот налагаат да мора да продолжиме да се прошируваме, така да нема да застанеме, купувачите нé бараат да им бидеме поблиску. Нашата услуга е нешто со кое најмногу се гордееме и ветуваме дека нашите потрошувачи ќе излезат задоволни од нашите маркети при секое нивно пазарување. Оттука произлезе и нашиот слоган кој гласи: „Пазарете со срце и задоволство“.

Во потрага по целосно задоволство на нашите потрошувачи, наша втора компаниска одлика е големиот и квалитетен асортиман на производи чија густина по квадратен метар е над просекот карактеристичен за пазарот и третата карактеристика достапни пониски цени. Најпродавани производи во нашите маркети се: свежата храна, овошје и зеленчук, готвените јадења, свежо месо и риба.

Жена претприемеч – како се снаоѓате во таа улога? Дали жените имаат предност во бизнисот или пак сепак претприемачката работа повеќе за посилниот пол?

Во денешниот динамичен свет многу е тешко да се пронајде рамнотежа помеѓу кариерата и семејството. Поголемиот број луѓе работата ја носат дома, а приватните проблеми на работа.

Тука мислам дека има разлика кај жените менаџери и мажите менаџери.

Ние сме воспитувани да бидеме столбот на семејството, со сите социјални карактеристики кои не прават тоа што сме, односно тие кои ќе се грижат за потребите на семејството. Тие карактеристики мислам дека ги пренесуваме и на работното место, што се гледа преку начинот на раководење. Како што сме заинтересирани за долгорочна хармонија и одржување на семејството, на истиот начин сме посветени и во компанијата. Тоа е апсолутно видливо во начинот на менаџирање. За разлика од мажот менаџер, кој својата моќ и авторитет ја темели на позицијата која ја има по вертикална хиерархија и формалниот авторитет ( јас сум на чело, нормално е да ме слушаат сите ), жените менаџери моќта ја црпат од своите т.н. “ soft skills “  вештини : интегрирање, советување, тимска работа  и др. Ова се класични женски предности, но жените денес се поефикасно владеат и со т.н.“ hard skills” вештини, како што се : организирање, планирање и одлучување.

Како се снаоѓате со менаџирањето на човечките ресурси?

Рептил маркетите не ја забораваат топлината на маалските продавници. Нашиот приоритет е секој потрошувач да излезе задоволен по пазарувањето. За ова да биде возможно, вложуваме во обука на нашите  вработени со тоа тие се стекнуваат со поголеми знаења, вештини и способности .

Грижата за вработените ја докажуваме и потврдуваме постојано, доделуваме пофалници, парични награди за најдобар продавач и најдобар раководител на маркет .

Добрите меѓучовечки односи и грижата за секој вработен поединечно создаваат позитивна атмосфера во работењето.

Како балансирате помеѓу работните обврски и семејството?

Да се направи баланс помеѓу семејството и работата, посебно кога жената е менаџер е многу тешко, но не и неизводливо. Низ сите овие години сфатив дека само добрата организација и не квантитет, туку КВАЛИТЕТ, на поминатото време со семејството се единствен начин за успех. Освен добрата организација, секако е потребна подршка од бабите, дедовците и најмногу од сопругот. Тоа во некои ситуации е голема предност, мојот сопруг има разбирање за моите постапки, но и маани, бидејќи дома ги носиме и дискутирааме работните проблеми – иако се трудиме тоа да биде минимално.

Што ве релаксира, како се одмарате после долгиот работен ден ?

Ме релаксира опуштена атмосфера со семејството и пријателите. Кога има повеќе слободно време може да прочитам некоја убава книга, обожувам да обновувам стари предмети ги правам за истата намена или ги пренаменувам.

Која е вашата визија и мисија за успешна жена?

Многу труд, учење и упорност. Ако се вратам наназад низ годините почнувајки бизнис без никакво предзнаење што е бизнис, што е менаџмент , како треба со финансиите , можам само да кажам дека мојата визија и мисија за успешна жена е да не се откажуваш, сите препреки на патот за успехот да ни бидат мотивација и да ги прифатиме истите како предизвик.

Што би им препорачале на младите менаџерки кои што туку почнуваат со свој бизнис? На што треба да внимаваат најмногу?

Од се срце им препорачувам, да ја постават големата слика пред себе каде се гледаат, каква и  колку голема компанија сакаат да станат,  а со краткорочни цели чекор по чекор да ја остварат крајната цел.

Како се станува успешна жена има ли рецепт за тоа?

Рецептот е  : Само треба да се донесе Одлука.

Речете си на самите себе: „Јас денес донесувам одлука да бидам успешна.“

Подршка не ви треба,  вие сте сами на себе подршка. Се додека чекав подршка од другите се жалев и кукав тонев се подолу и подолу. Во моментот кога сватив дека сум сама своја подршка облаците над глават ми се расчистија . Од мене како  непресушен извор почнаа да излегуваат идеи , и сите се реализираа. Првиот чекор кон успехот е да престанете за се жалите. Да донесете одлука за успех.

инг. Даница Личанин Блажеска

Генерален менаџер и Сопственик

РЕПТИЛ Д.О.О.Е.Л., Скопје