Коста Петров: Секој хаос има рок на траење

Животот е мојата најголема инспирација. Сите убави моменти во него, предизвиците но и нашата моќ да ги надминеме и да научиме да уживаме во неговите убавини.  Животот е навистина убав, за ОКработа, вели Коста Петров, еден од најпродаваните современи македонски автори.

Како ви започнува денот?

Денот ми започнува околу 6 часот. Последните неколку месеци интензивно вежбам така да околу 630 часот заминувам на вежбање и веќе кај 8 часот заедно со сопругата ја носиме ќерката во училиште. Првото утринско кафе најчесто го пијам на работа.

Од каде инспирацијта за пишување, кој е вашата муза?

Животот е мојата најголема инспирација. Сите убави моменти во него, предизвиците но и нашата моќ да ги надминеме и да научиме да уживаме во неговите убавини.  Животот е навистина убав.

Како се гледате себе си во ова посмодерно време, дали сметате дека го фаќате ритамот?

Јас се трудам максимално да уживам во својот живот и да ги пронајдам убавините во него и тогаш кога тој изгледа навистина тежок. Научив да не се споредувам со другите ниту да следам нечии правила. Секој оди по сопствениот пат и секој сам си го одредува ритамот и темпото на тоа патување.

Како и кога започнавте со пишување, како дојде до идејата ?

Првата моја книга, Се гледаме на врвот, ја напишав пред пет години. Мојата ќерка беше инспирација за книгата. Сакав еден ден кога ќе порасне, кога ќе се соочи со предизвици да сфати дека секој предизвик е всушност скалило до врвот и чекор до исполнувањето на нашите животни соништа.

Кое е вашето животно мото?

Секој хаос има рок на траење.

Во твојата досегашна кариера си запознал и сретнал многу “звезди“ од бизнисот и шоубизнисот. Кажи ми која од нив ти оставила најголем впечаток и со што?

Сум имал чест да запознаам многу познати личности и да соработувам со нив но за мене најголемите хероји се луѓето со кои секојдневно соработувам и кои ме прават подобар човек. Иако можеби не е многу позната кај нас, за мене една од најинспиративните личности од бизнис светот и од светот на комуникации е Колин Харис, поранешна прес секретарка на Британското кралско семејство и гласноговорник на свадбата на Хери и Меган. Колин е првата црна жена што имала чест да биде дел од кабинетот на кралското семејство и навистина е инспирација за сите. Таа е доказ дека не е важно од каде доаѓаш туку каде сакаш да бидеш.

Која е вашата омилена дестинација?

Преку мојата компанија имам чест да патувам насекаде низ светот. Кога би одвоил дестинации тоа дефинитивно би биле Исланд и Иран.

Кои се ваши омилени писатели, од кои што црпите инспирација?

Најчесто читам автобиографии и биографии. Навистина е возбудливо да се дознае повеќе за луѓето на кои секојдневно им се восхитуваме. Некои од моите најомилени книги се автобиографијата на Нелсон Мандела, Никола и Александра, книга за последната руска царска фамилија од Роберт Меси. Ми се допаѓаат и мемоарите на Фара Пахлави, Иранската царица и сопруга на последниот Шах на Иран. Во моментов ја читам новата книга на Хилари Клинтон за последните претседателски избори во Америка.

Пи Ворлд, е компанијата на која си сопственик. Кажи ни нешто повеќе?

Пи Ворлд е креативна агенција што работи на 33 пазари во светот. Започнавме најпрвин тука во регионот но со тек на време се проширивме и на Средниот Исток, Централна Азија, Африка а од минатата година и во Америка и Канада. Ги организираме некои од најголемите бизнис настани во светот а од пред неколку години почнавме да нудиме и услуги за односи со јавност на големи корпорации и влади. Навистина сум горд што се ова го правиме од тука, од Македонија.

Одржувате обуки по маркетинг, која работа ве исполнува повеќе пишувањето или предавањето?

Пишувањето и предавањата се моја екстензија и уживам во двете работи. Сметам дека сите ние имаме одговорност да ги споделиме нашите искуства со луѓето околу нас и да им помогнеме во решавањето на проблемите но и пронаоѓање на инспирација.

Што ве релаксира, како се опуштате после долгиот и напоред ден?

Најмногу се опуштам со мојата осумгодишна ќерка. Таа е мојата најголема љубов и гордост и секојдневно ме учи што е љубов и што значи да имаш чиста душа.

Кој е вашиот слоган?

Животот е да се живее, а не да се преживува.

„Никој не реше дека ќе биде лесно“, книга која направи вистински бум. Од каде инспирацијата за сите тие прекрасни  текстови?

Конкретно инспирација за мојата последна книга, Никој не рече дека ќе биде лесно беше повторно мојата ќерка. Тоа е книга за едно патување што секој од нас треба да го доживее и помине. Што ќе се случи на крајот од патувањето ќе дознаат тие што ја прочитале.

И за крај која е вашата наредна книга?

Полека ја привршувам мојата нова книга и промоцијата ќе се случи средина на септември. Во моментов се подготвувам за промоција на албанското издание на Се гледаме на врвот која ќе се случи на 22 Мај во Тирана.