МАЛКУ ПОЗНАТИ ФАКТИ ЗА ГОЛЕМЦИТЕ (Вол. три)

Напомена. После безброј кавги, смирувања, повици длабоко во ноќта „ти спушти. – Не, ти спушти, -Не, ти. – Јас и да спуштам, ти одма после тоа повторно се јавуваш, Антонио. – Хахаха, не,  ти спушти. – Бог да чува си.“, со Антонио Милошоски дојдовме до компромис и решивме да објавиме малку познати факти само за него, кои сам ќе си ги напише и за кои ќе си плати. Секако, ние не ги објавуваме сите факти бидејќи повеќето немаа никаква логика, не беа ни текст или беа само набројувања. Како на пример овој факт. Антонио Милошоски сака да мириса растенија како што се белата рада, живата ограда, листови од рен, кисели краставички, божур и така до недоглед.

 

Антонио Милошоски е интелектуалец пар екселанс. Македонскиот речник го дефинира зборот „интелектуалец“ како „Човек кој тежнее да биде Антонио Милошоски“. Под текстот има фотографија од самиот Антонио Милошоски и за да биде појасно, заокружена му е главата со розево кругче. Со тоа сè е кажано.

 

Возењето во лифт со Антонио Милошоски е незаборавно. Шармот и културата на еден човек се мерат според тоа како дотичниот комуницира со непознати додека се вози во лифт. Антонио Милошоски е најоргиналниот и најзабавниот сувозач кој може да се вози со вас во лифт. На пример, тој наместо „Добар ден“ вели „ Гледам добар човек пред мене. Вие сте тоа“, а наместо „Пријатно“ вели „Бухаааа!!!“.

Антонио Милошоски е најдобриот дипломат на сите времиња. Кога Антонио Милошоски се повлече од министерување во Министерството за надворешни работи, дипломатите во целиот свет останаа избезумени. Но, со текот на времето ја сфатија причината за неговото откажување, не сакал никого да засени, бидејќи кога Антонио дипломатува со некого, со било кого, се познава разлика во класи.

Малку познатите факти за Антонио Милошоски се и општо познати факти. Сите овие факти кои се наброени  за Антонио Милошоски, иако изгледаат како нови, сепак секој оној кој барем еднаш го видел Антонио Милошоски длабоко во себе ги чувствува и ги знае. Не залудно кога некој се прави многу паметен  се вели „ Не се прави Антонио Милошоски кога не си. Само еден е Антонио Милошоски и тој е неповторлив.“

Уште една напомена.  Редакцијата, граѓаните на Република Македонија, како и граѓаните од целиот свет целосно се оградуваат од сите зборови кажани во овој текст. Сигурно читателите се прашуваат колку пари треба за некоја рубрика волку да се понижи, но, не смееме и не е конструктивно да ја кажеме точната сума. Шест цифри, странска валута.

И.П.