Спој на карпи и тиркизно море, Лефкада – рајот на земјата!

Прекрасниот јонски остров Лефкада ви нуди неограничени можности за релаксација и уживање, но најпрочуен е според плажте од кои застанува здивот.

Порто Кацики

 Оваа плажа се наоѓа на 40 километри југо-западно од главниот град Лефкада. Не само што е најпозната на островот, туку од туристите е оценета како една од најдобрите плажи во целиот Медитеран. Од тие причини, Порто Кацики е речиси секогаш преполна, особено во шпицот на сезоната. До неа се стигнува со симнување по 80 скалила од карпата над прекрасната песочна површина. Ако доаѓате со автомобил, на ридот над плажата ќе најдете паркинг и снек-бар. До плажата можете да стигнете и со такси на вода, од Василики или Нидри.

Кацима

 Кацима е една од најубавите плажи на островот и се наоѓа на 14 километри источно од главниот град Лефкада, недалеку од селото Агиос Никитас. Долгата плажа со бели песоци и море со кристално тиркизна боја е опкружена со импресивни карпи во позадина што го комплетираат пејзажот за вистинско уживање. Ќе уживате на песок или пак на некоја од бројните лежалки со чадор кои можете да ги изнајмите. На плажата има понуда на водени спортови, како и повеќе барови и ресторани за освежување.
 

Агиос Јоанис

 Оваа плажа се наоѓа најблиску до главниот град на островот, само три километри на запад, а сепак е една од најубавите. Пејзажот со златно-бели песоци на моменти потсетува на карипските плажи. Во позадина на плажата се гледаат остатоци од старите ветерници, што го прави искуството уште толку помагично. Со оглед на тоа што се работи за малку поветровита плажа, таа е втората најпопуларна помеѓу сурферите, веднаш по Василики.
 

Нидри

 Плажата Нидри се наоѓа 17 километри јужно од главниот град. Таа е дел од фантастичниот туристички комплекс со истото име, од каде се гледаат малите островчиња: Скорпион, Спарти, Скорпиди, Мадури и Хелони. Комплексот ви нуди бројни локали за секакви туристички услуги, непосредно до плажата. Самата плажа пак, се одликува со неверојатно чиста вода, исклучително погодна за капење.

Каламици

 За оние што сакаат помали и не толку посетени плажи, Каламици е вистинскиот избор. Се наоѓа на 15 километри југо-западно од главниот град, Лефкада, на источната страна од островот. Плажата се одликува со многу мек песок и кристално бистра вода, што ја прави совршена за релаксација. Недалеку од плажата има високи, но достапни карпи, кои поавантуристички расположените туристи знаат да ги искористат како скокалници.