Мами воздишки со својата убавина – МИКОНОС, грчкиот остров кој никогаш не „спие “

Во средината на Егејското Море, опкружен со островите Тинос, Парос, Сирос и Наксос лежи релативно малиот остров Миконос, со вкупна површина од 85 километри квадратни. За разлика од јонските острови на пример, Миконос е значително порамен и највисоката точка на целиот остров е само 341 метар. Главниот град, според традицијата на грчките острови, е именуван според островот на кој се наоѓа. Во него живеат најголем дел од десетте илјади постојани жители на островот.

Постојат огромен број причини зошто Миконос е една од најпосетените дестинации во цела Грција. Островот изобилува со спектакуларни плажи, одлични сместувачки капацитети и угостителски објекти буквално за сечиј вкус. Нормално, тука не може а да не се спомне и светски прочуениот ноќен живот на кој може да му позавидат и некои од најголемите градови во светот.

Го нарекуваат ,,Бел Остров’’ поради чисто белите коцкасти куќи со балкони и бојадисани огради, преубавите древни цркви со сини и црвени куполи, шармантните таверни и работилниците за сувенири, распрснати низ тесните камени улички. Хармоничната белина рефлектира светлина која насекаде се шири,  разиграна од колоритноста на прозорците, расцутените дрвја и мноштвото цвеќиња. Автентичниот островски пејсаж го дополнуваат и седумте магични ветерници на пристаништето, заедно со Малата Венеција чии куќи се издигнати веднаш над морските бранови.

Најголема атракција е пеликанот Петрос, маскотата кој слободно шета низ градот пречекувајќи ги гостите. Долж брегот на југот, се менуваат златни песочни плажи со кристално чиста вода низ која јасно можат да се видат школките и разнобојните камења. Kвалитетното сместување, бројните музеи, киното под отворено небо, кафулињата, баровите, и особено клубовите со целодневните луди забави, гарантираат возбудлив завршеток на секој убаво поминат ден во прекрасниот Миконос.