Која храна е здрава за детскиот развој?

Кога ќе се спомне терминот  „детска храна“ често ни доѓаат на памет слики од макарони со сирење, пилешки прсти, скара и сендвичи. Направена со вистински состојки, оваа храна може да биде многу хранлива, но многу од нас  најчесто употребуваат готови, претходно спакувани производи од маркетите, кои се прехранбено инфериорни верзии на овие оброци.

Многу повеќе одколку за возрасните, децата имаат потреба од прехранбено силна храна и здрави масти кои помагаат за правилен развој на умот и телото. Наместо да размислуваме за „детска храна“ како на нешто што брзо и лесно се подготвува, ние треба да размислуваме за вистински хранливи производи.

Жолчки од јајце

Жолчките, особено оние од јајцата на „селски“ кокошки, обезбедуваат масти и здрав холестерол како и холини, амино киселини и витамин А кои се неопходни за правилен развој на мозокот и нервниот систем. Всушност, поголемиот дел од витамините и минералите кои се наоѓаат во јајцата се содржани во жолчката. Затоа заборавете на омлети со белки од јајца и наместо тоа давајте им на децата жолчки.

Црн дроб

Дали е од пасишта, органски, од живина или од други одгледувани домашни животни, црниот дроб има исклучително висока концентрација на витамин А, витамин кој е многу важен за развојот на бебињата и растот на децата. Црниот дроб е еден од најдобрите извори на употребливо железо и витамин Б12, а исто така се одликува и со други хранливи материи, како холини и „добар“ холестерол, кои се важни за здравиот развој на мозокот. Бидејќи е потребно привикнување на вкусот на црниот дроб, би било убаво да започнете со внесување на помали количини. Обидете се да насецкате малку во мелено месо, во ќофтиња или во болоњезе сос за шпагети, па дури и испасирајте малку во жолчка од јајце. Замрзнатиот црн дроб е полесен за сечење, но секогаш гледајте тој да биде доволно зготвен.

Икра од лосос

Овие малечки јајца се преполни со хранливи состојки и имаат највисока концентрација на омега- 3 масни киселини – речиси 3,5 пати повеќе од она што обично се сретнува во лососот. Икрата од лосос е исто така богата со антиоксиданси и витамини растворливи во масти, а преполна е со цинк и јод. Обидете се да подготвите за детето само икра или вклучете ја во жолчка од ровити јајца. Ќе бидете изненадени од тоа колку забавно ќе им биде на децата да ги јадат овие мали јајца. Бидејќи тие се лизгави, малите деца убаво ќе се забавуваат додека се хранат.

Домашна супа од коска

Во споредба со пилешкиот бујон кој може да се купи во продавница, супата направена од внимателно сварени коски е многу богата со хранливи материи. Кога се варат коските, тие испуштаат минерали и хранливи материи во водата. Домашната супа е полна со минерали, желатин и гликоза – миногликани, кои помагаат за здрав развој на коските, косата, ноктите и зглобовите. Од составот на коските ќе излезат толку многу хранливи материи така што до крајот на готвењето, коските скоро и ќе се распаднат на допир. Овој бујон лесно може да се вклопи во чорби, јадења и сосови, и на тој начин да се збогатат јадењата со витамини и минерали. Овој бујон може да се направи во поголема количина и да се чува во фрижидер.

Говедско месо од животни хранети со трева

Говедското месо е прекрасен извор на железо, цинк и витамин Б, кои се многу важни за здравиот  развој на децата. Истражувањата покажаа дека говедското месо од животни хранети со трева содржи помалку масти и заситени масти – а,  повеќе омега-3 масни киселини – за разлика од говедското месо од животни хранети со житарки. Говедското месо од животни хранети со трева може да биде тешко за готвење поради недостаток на маснотии, па затоа гответе го на тивок оган неколку часа и така ќе добиете одличен производ кој ќе го сакаат дури и малите деца.

Производи од кокос

Кокосовото масло, незасладениот рендан кокос, кокосовиот крем и полномасното конзервирано кокосово млеко, обезбедуваат моќна хранлива сила во само една мала порција. Иако се богати со заситени масти, кокосовите производи не содржат транс – масти. Исто така е познато дека кокосовите производи содржат големо количество лаурична киселина што претставува еден силен имунолошки засилувач кој се наоѓа во мајчиното млеко и кој има антивирусни и антибактериски својства, што помагаат децата да бидат здрави.

За жал многу прехранбени производи наменети за деца содржат состојки како што се бои за храна, подобрувачи на вкус, адитиви и сл., кои често ги поврзуваат со бихевиоралните проблеми кај децата. Доколку редовно вклучите некои од понудените храни наведени тука, а ја намалите употребата на високо – процесирана храна, вашите деца ќе добијат еден голем нутритивен поттик.