Таму каде што сега одиме многупати ќе бидеш натерана од ситуацијата и околностите да донесеш брза одлука

Таму каде што сега одиме многупати ќе бидеш натерана од ситуацијата и околностите да донесеш брза одлука.

Нема да знаеш што да направиш, а ќе имаш чувство дека времето те гази.

Послушај ме: ако не знаеш што треба да направиш, не прави ништо. Остави ја ситуацијата да се развие самата од себе и одговорот ќе ти дојде кога најмалку го очекуваш.

Без разлика на тоа што ќе ти велат дека немаш време и дека мораш брзо да ја донесеш одлуката-сега, веднаш!-те молам не брзај.

Брзањето во донесувањето одлуки многу често знае да донесе погрешни решенија. Во нив сигурно ќе пронајдеш лекција за во иднина, но нема да можеш да го вратиш изгубеното време.

Од друга страна, премногу размислување некогаш знае и да го искомплицира процесот на на донесување одлуки.

Некогаш ќе мораш да и дозволиш на својата интуиција да ти го покаже вистинскиот избор.

Кога пред неколку години бев на раскрсница во мојот живот, токму интуицијата беше таа што ми ги донесе најголемите животни благослови.

Логиката ми велеше да останам таму каде што сум. Таму условите беа подобри. Животот ми беше навидум лесен, но еден тивок глас во мене упорно ми потшепнуваше дека е време за нова авантура. Дека е време да го променам животот и да излезам од својата комфорна зона.

Слушај го тој глас. Интуицијата секогаш ќе ти помогне да ја донесеш вистинската одлука.

Извадок од книгата „Никој не рече дека ќе биде лесно“

Коста Петров