Вистинска сторија за брендот Версаче и нејзиниот основач Џовани Марија Версаче

ЧЕТИРИ ДЕЦЕНИИ ОД ПРВАТА РЕВИЈА НА ВЕРСАЧЕ

Од шивачката работилница на неговата мајка во Калабрија, до црвениот тепих во Лос Анџелес, приказната за Џани Версаче е клучно парче од мозаикот наречен made in Italy, но и важно подрачје од историјата на модата во светски размери. Низ неговиот концепт италијанската мода се развива во вистинската насока: не само парчиња внимателно дизајнирана облека туку цел универзум во кој се испреплетуваат уметност, култура, историја и имагинација. Неговата трагична смрт пред околу дваесет години само му додаде доза мистериозност на неговиот лик, праќајќи го порано од очекуваното во историјата на модните митови на дваесеттиот век.

Џовани Марија Версаче, подобро познат како Џани, е роден во Реџо Калабрија, непосредно по завршувањето на Втората светска војна. Уште од мали нозе се одликува со љубопитност и желба за создавање, надминување на границите на возможното и откривање на нови хоризонти. Шивачката работилница на неговата мајка на улицата Томазо Гули, бр. 3, е неговото омилено катче каде што ја храни својата креативност и учи како да создава чуда со своите раце. Мајка му важи за најдобра шивачка во градот и воопшто не е загрижена кога учителките и укажуваат на неговата опседнатост со италианските филмски диви, чии што силуети честопати се наоѓаат во тетратките на Џани, наместо домашните задачи. Едноставно, тие не знаат да ја препознаат смислата за естетика и мода на нејзиниот син. Како што минуваат годините, Џани се повеќе се оддалечува од формалното образование, а се повеќе се приближува до остварување на сонот. Цела своја креативност ја испробува на својот омилен модел, неговата помала сестра, муза и сојузник во секој потфат, Донатела Версаче. Неговиот префинет вкус ќе го донесе најдоброто од актуелните а-порте колекции на Genny, Callaghan, Florentine Flovers I Choloe  во семејниот бутик. Локалните госпоѓи опседнати со мода, го доживуваат младиот Џани како бог и безрезервно се потпираат на неговите модни совети.

Кога има 25години тој  ја напушта родната  Kалабрија и се сели на север, во Милано, градот што речиси преку ноќ станува светска модна метропола, еволуција за која и самиот ќе одигра улога. Најпрвин соработува со најпознатите конфекциски куќи, а набрзо заедно со неговиот постар брат Санто ги поставуваат темелите на семејната модна куќа. Во 1978година се случува првата официјална модна ревија за женската колекција на Џани Версаче во палатата на Перманенте во Милано, а ефектот врз публиката ги надминува очекувањата на младиот дизјнер. Версаче буди восхит и го остава светот гладен за повеќе. Кога го прашуваат за изворот на инспирацијата, Џани одговара дека за се  е заслужна неговата Калабрија и сведоштвата за славното минато на грчката и римската империја. Токму слободната комбинација на декоративни елементи од различни уметнички епохи го дефинира неговиот единствен стил, па така во неговите колекции можат да се најдат елементи од ренесансата, барокот, па се до поп-арт уметноста. Не само за линиите туку и за материјалите, од преработена кожа во различни бои, преку култната метална мрежа што и денес е заштитен знак на брендот, па се до свила во шарени, иновативни дезени. За заштитен знак на брендот, Версаче неслучајно ја одбираат медузата од грчката митологија, алудирајќи на моќта на брендот да го маѓепса, и да го зароби во својот свет секој што барем еднаш ќе се препушти на нивната фантазија.

Производ на креативната смелост на Џани Версаче е една поинаква жена, изразито секси и гламурозна, која остава важен печат врз модната естетика на осумдесеттите и деведесеттите години. За да ја претстави пред светот ги одбира топ-моделите, дури според многумина токму Версаче ги измислува супермоделите кои гордо ги носат неговите колекции Наоми Кембл, Синди Крафорд, Кристи Тарлингтон, Линда Евангелиста, на кои подоцна им се придружуваат Клаудија Шифер и Карла Бруни, сите протагонистки на револуционерните рекламни кампањи за Версаче, кои го носат потписот на некои од најславните фотографски имиња од деведесеттите. На листата приврзаници на брендот не изостануваат и некои славни имиња како Елтон Џон, Џорџ Мајкл, Стинг, Мадона, па дури и Леди Ди, верен фан на линијата на висока мода “Atelier”.  Креативноста на Џани Версаче го премостува светот на модата и се проширува на линии за ентериер и декор, како и креации на костими за театарски претстави и опера, полиња на уметноста што уште во раното детство за дизајнерот стануваат извор за инспирација и нови предизвици. Палатите на Џани Версаче во Милано, Комо и Мајами се храмови во кои се слави неговата естетика што се до последните денови од неговиот живот ќе се развива во нови форми и димензии.

И токму кога Џани Версаче се наоѓа на врвот на својата кариера и се чини невозможно да се зауздa неговата креативна генијалност, се случува трагедија. Во едно сосема обично сончево утро во Мајами, враќајќи се од кратка прошетка, Џани Версаче е смртно застрелан пред влезот на неговата вила Каза Казуарина од страна на серискиот убиец Ендру Каненан.

По смртта на Џани, што и понатаму останува обвиена во мистерија, целата модна куќа ја губи рамнотежата што токму неговата сестра Донатела Версаче ќе успее да ја воспостави повторно, најпрвин работејќи во сенката на нејзиниот брат, а подоцна ослободувајќи се од притисокот да биде како него и давајќи му сопствен печат на семејниот бренд. И нејзината заслуга е што брендот-медуза што се раѓа од малечката шивачка работилница во Калабрија и визијата на Џани Версаче, денес е вистинска семејна империја што, покрај модни колекции, вклучува линија парфеми, скапоцен накит, ентериер, па се до синџир луксузни хотели.

 

Be the first to comment

Leave a Reply

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.