Двогодишен проект во висина од 900.000 долари во текстилниот и градежниот сектор

Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во партнерство со Министерството за образование и наука и други релевантни чинители со поддршка на Владата на Велика Британија почна двогодишен проект за премостување на јазот кај вештините во два клучни сектори во земјата – текстилниот и градежниот сектор

Проектните активности во висина од 900.000 долари се целосно обезбедени од Британската влада и Британска амбасада во Скопје, а се предвидува да се реализираат во текот на следните две години.

Преку дизајнирање и пилотирање модели за стручна обука, но и со воведување иновативни начини за комуникација со сите релевантни чинители, проектот генерално ќе работи и со лица на кои им се потребни дополнителни вештините за да напредуваат во приватниот сектор, вклучително млади невработени лица, долгорочно невработените, но и веќе вработени лица.

Проектот, исто така, ќе ги разгледува можностите и за обезбедување специјалистичко образование преку подготовка на програми што ќе бидат прилагодени на потребите за учење на возрасните, а во согласно со работата во приватниот сектор. Добрите пракси стекнати во текот на реализацијата на проектот ќе бидат преточени во препораки за Министерството за образование и наука, кое пак ќе ги вклучи во измената на политиките за постсредното образование и реформите во системот за стручно образование.

Проектот е од особено значење кога станува збор за отворање на можностите за стекнување специјалистичко образование и стручна обука како почетни точки за унапредување на соработката со приватниот сектор и креирање современи и апликативни наставни програми.

Постојаната претставничка на УДНП, Нарине Сахакјан, како што е наведено во соопштението, потенцираше дека недостигот на квалификувана работна сила е меѓу главните пречки за развој на регионално и глобално конкурентен приватен сектор.

Развивањето на вистинските работни вештини е неопходно кога станува збор за создавање одржливи работни места и конкурентна бизнис средина. Благодарение на поддршката од Британската амбасада, во партнерство со Министерството за образование и бизнис-заедницата ќе го анализираме потенцијал за раст на текстилната и градежната индустрија и ќе ги идентификуваме неопходните вештините за создавање и пополнување работни места во овие гранки од економијата. Врз таа основа, ќе работиме на создавање одржливи образовни модели за затворање на јазот меѓу понудените и бараните вештини. Ова ќе помогне да се создадат нови и подобри работни места, а секако ќе ја зголеми и продуктивноста на приватниот сектор, истакна Сахакјан.

Британската амбасадорка Рејчел Галовеј посочи дека градежништвото и текстилните индустрии се сектори од огромно значење и искажа задоволство што ќе работат со УНДП, државните институции и приватниот сектор на идентификување на недостатоците во вештините кои се потребни во овие сектори.

Be the first to comment

Leave a Reply

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.